Чија светска премиера се случува токму вечерва во Сао Пауло, Бразил.

Но за нијанса порелевантна за нас е информацијата дека во рамки на третото по ред издание на Bookstar, фестивалот за европска литература, на 30.10.2017 година во Кино Култура во 21 часот ќе бидат прикажани неколку негови дела: светски познатиот „Пред дождот”, краткометражните „Четврток” и „Крајот на времето”, како и официјална најава/трејлер за веќе споменатиот негов најнов филм, „Bikini Moon“.

По тој повод (и затоа што никогаш не би одбиле ваква прилика) разговаравме со човекот за кој нема потреба од претставување, оној чие име совршено го изговараме од наши 4 години и кој го набројуваме секој пат кога на маса ќе се најдеме со европејци, кои бараат да им кажеме нешто добро за Македонија.

Продолжи да читаш, ти дозволуваме да ѕирнеш во нашиот разговор.

 

Светската премиера на „Bikini Moon“ се случува вечерва во Сао Паоло, Бразил.

 

Се сеќаваш ли на првиот момент кога сфати дека филмот е тоа што сакаш да го правиш? Дали би можел да издвоиш режисери и/или филмови кои најмногу влијаеа на твојот стил и твојот начин на работа?

Први филмски слики што ги паметам се црно-бел филм со Тарзан и филм со крстоносци.

Не сум сигурен дали сеќавањето на Тарзан е вистинско или можеби измислено, ама мислам дека мајка ми ме носи во раце, со татко ми тројцата шетаме низ Градскиот парк и во некој мал заграден, ама отворен простор (без кров) зад Вембли има проекција на Тарзан кој се фрла од дрво на дрво и вика. Крстоносците беа на телевизија и го паметам првиот кадар како доаѓаат кон нас, кон камерата и забиваат три меча во земјата.

И покрај овие сеќавања, јас отсекогаш сакав да пишувам, а не да режирам. Бавењето со филм беше елегантна замена или надградување на љубовта кон пишување, драгоцен совет од мојата средношколска професорка Олга Пешевска.

Во мене живеат прекрасни филмови што ме допреле: „Станар” на Полански, „Трета генерација” на Фасбиндер, „Добри момци” на Скорсезе, „Персона” на Бергман, „Амадеус” на Форман, „Во царството на чулата” на Ошима, „Декалогот” на Кешловски, „До последен здив” на Годар, „Кум” на Копола, „Среќа” на Солонц, „Граѓанин Кејн”, „Јол”…

Поважни ми се авторите од други уметности кои ми се чинат како комплетни уметници, чии дела ме тераат да се радувам како мало дете – Пина Бауш, Роберт Раушенберг, Николас Џар, Бах, Кундера, Вонегат, Матис, Крафтверк… Права уметност, со радост.

 

По што се разликува најновиот проект „Бикини Мун” од досегашните твои филмови? Всушност, што вистински означува името „Бикини Мун”?

Името на главниот лик во филмот е Бикини Мун Дејвис, американка која била војник во Ирак, а сега е бездомник на улиците на Њујорк.

Филмот зборува за сè присутноста на снимање и регистрирање, за исчезнувањето на приватноста и го продолжува моето истражување на природата на вистината во стварноста и во медиумите, тема со која се бавам во моите есеи, книги („Слики, зборови и лаги”), краткометражни („Четврток”) и долгометражни филмови („Мајки”) веќе десетина години.

Секој мој филм се разликува од претходните. Тажно е кога уметник се повторува, треба да си играш и да истражуваш, ама тоа да го правиш доследно. Начинот на снимање, а и драмската обработка во Бикини Мун се многу суптилни, овој мој филм изгледа најсирово. Навидум.

 

Сцена од новиот филм на Милчо Манчевски, „Bikini Moon”

 

Милчо, веќе 10 години си „амбасадор на културата на Македонија“. Како би го опишал развојот на локалната култура во Македонија низ овие години?

Не ја познавам доволно македонската култура. Не следам многу уметност воопшто, дури ни во Њујорк. Повеќе ме интересира животот.

Што се однесува до амбасадорувањето, тоа е нешто то јас го правам со задоволство, ама нема врска со титулата. Титулата, за жал, не е поддржана ниту со план, ниту со програма, ниту со буџет и нема никаков ефект.

Она што има ефект се делата кои се ценат во светот. Ова (амбасадорување) јас го правам уште од оној момент кога публиката и стручњаците во светот почнаа да ги гледаат моите дела и да си велат: „Значи, во Македонија се прави добра уметност и сериозно се размислува“.

Колку е тоа навистина така кажете самите, ама со овие дела се направи пробив и простор за идните уметници. Заедницата и државата требаше да го употребат тој новосоздаден простор и да ја пласираат оваа култура уште подобро.

 

Што мислиш дека е клучно за иднината на културата во Македонија? Во која насока сметаш дека ќе се развива? Во која насока би сакал да се развива?

Македонија е една педа земја, сиромашна е и нема школувана и непристрасна уметничка критика. За жал. Од друга страна, добро е што и народот и државата имаат почит кон оние што се бават со култура и со уметност.

Јамајка, Исланд, Шведска и Ирска се мали земји, ама нивниот културен производ е дел од врвот на светската културна баштина. Не знам во која насока ќе се развива културата во Македонија, ама важно е да се создаваат комплексни дела кои се натпреваруваат со светскиот стандард, а не дела на кои им е битно да играат до Табановце. Колку такви дела имаме? Колку дела што можат да бидат светски урнек во било која уметничка област се произведени во Македонија од 1945 до денес? Треба занает, комплексност и ударност во уметничките дела.

 

Како главни улоги во „Bikini Moon” се појавуваат Condola Rashad и Sarah Goldberg

 

Ти си влијателен и активен поборник за локални општествени прашања. Според тебе, на која ваква тема треба во моментов сите да обрнеме внимание?

На благородноста, на љубовта кон ближниот, на давањето. Знам дека ова не е во програмата на ниеден НГО, ама суштинско е.  

Аксиоматски е дека македонецот најмногу се радува кога на комшијата ќе му цркне козата, а и последниве десетина години го извадија најлошото од нашиот човек на површина. Се наградуваше само лојалноста, а криминалот беше стандард. Во една култура која никогаш не се одликувала со вистинска љубов кон отвореноста и кон чесноста (туку повеќе се ценеле придонесот кон племенската заедница, ситниот ќар и пасивно-агресивното однесување), последниов режим го стави сето тоа на стероиди и го поттикна најлошото во Македонецот.

Државните институции и партиите – кога не се бавеа со криминал – се однесуваа како јатрви на капиџик. Убаво би било да решиме дека е дојдено утро во Македонија и дека ќе живееме почесно и почисто. Со повеќе доблест и чувство за човекот до нас.

 

Кој е едниот совет кој секогаш го споделуваш со режисерите почетници? Како изгледа првиот академски час на предавањата кај Милчо? Дали можеби ти текнува на најдобриот совет кој ти си го добил на почетокот на кариерата?

На моите студенти (постдипломци) прво им велам дека сè уште не им е доцна да се префрлат на медицина, ама никој не ме слуша.

Им велам дека за да бидат добри режисери треба да имаат занает и срце. За занаетот можам да им помогнам, ама срцето зависи само од нив. Тоа е поважно. За срцето можам само да ги стимулирам, да ги поттикнам, да им удрам по една клоца за да се свестат, ама најважниот дел зависи од нив.

Мораат да снимаат филмови за она што ги интересира, а не за она што го виделе во некој друг филм или на некој фестивал. Мораат да бидат чесни уметници, а не калкуланти и фолиранти или да работат за пари. Паметен човек секогаш може да ја изманипулира критиката, публиката или фестивалите, ама таквото дело ќе биде шупливо и ќе прави да ти биде шубе кога ќе го изгледаш. Се осеќа кога авторот не стои зад емоцијата и пораката што филмот ги презентира и кога се продал за црвен ќилим или за пари. После гледање на таков филм обично сакам да одам да се истуширам.

 

Сцена од новиот филм на Милчо Манчевски, „Bikini Moon”

 

Имаш огромна кариера како филмски режисер позади себе, па токму поради тоа мислиме дека ти си вистинскиот човек кој треба да биде прашан – како се разликуваат условите за творење кои ги имаше ти како почетник и оние кои денес ги имаат младите режисери во Македонија? На што мислиш дека треба да внимава новата генерација за максимално да ги искористи условите кои ги има за творење?

Денес е полесно. Технологијата овозможува секој што сака да може да сними филм. Еден мој студент сними извонреден филм на ајфон.

Општеството е подемократско и има повеќе простор за творење и за прикажување, има повеќе инвестиции за млади автори. Дури и ако не добиеш пари од државата да снимаш, можеш герилски да снимиш филм. Тоа не е идеално, ама е можно.

Кога јас почнував тоа не беше дозволено, а и техниката ја имаше само во ретки државни институции оти беше скапа. Во исто време, скоро сите места за нови режисери беа резервирани за деца на стари режисери, на политичари, или на луѓе со врски. Разгледајте ги имињата од тој период. Повторувачи добиваа државни стипендии, а првенци извисуваа.

Мојата стипендија беше од Универзитетот во Јужен Илиноис каде што студирав филмска академија, а не од мојата татковина, иако бев првенец и објавував професионални текстови од своја 16 година. Постарите режисери во 80-тите работеа рака под рака со политиката да ги сопрат младите ако овие не беа од нивно семејство или од нивна банда. Непотизмот беше стандард. Денес сè уште  постои непотизам, ама можно е човек да работи. Секој може да сними филм и да го прати на фестивали по светот, па некој друг во тој далечен свет да оценува дали делото чини. Не си зависен само од 5-6 диносауруси. Тоа е подобро одошто да бидеш изолиран во некое балканско слепо црево.

 

Comments

comments