Господинот Милчо Манчевски е веројатно најуспешниот и секако најпознатиот македонски филмаџија во светот.

Тоа е лесно да се знае. Она што не баш сите го знаат, е дека овој извонреден господин е основач и текстописец на сега веќе легендарниот македонски бенд од 80-тите, Бастион, за кој Reborn веќе неколку недели пишува во серијал.

Делува помалку бајковито Милчо Манчевски да ти биде културолошки и пропаганден р’бет во бендот, токму тој да ти сними видео спот (за песната „Hot Day in Mexico“, едно од неговите први дела)… Сепак, талентот, визијата и желбата за вредна креација е неверојатно моќна сила, која ги обединува вистинските луѓе во вистинскиот миг. Токму таков волшебен миг во нашата понова историја е кратката, но креативно експлозивна средба наречена Бастион.

Милчо го фатив на потегот помеѓу Њујорк, Осло, Софија и Скопје, во мошне хектичен период на промовирање на неговиот нов одличен филм „Bikini Moon“, па сепак беше видно расположен да одговори на прашањата кои се однесуваат на тие злато вредни Бастион денови од средината на 80-тите.

 

Од денешен аспект, слушајќи ја музиката на Бастион, човек лесно може да влезе во расположение да мистифицира времиња, расположенија, атмосфери. Младите, па и постарите, премногу лесно зборуваат за легендарноста на 80тите. Како гледаш ти од денешен ракурс на тие сепак пионерски времиња?

Прва половина на 80тите, времето и условите во кои настанаа Бастион во Скопје, Македонија.

Скопје стануваше град и се гордеевме со таа трансформација. Се радувавме што сме на асфалт. Ми се чини дека уште долго време Скопје нема да биде толку блиску до тоа да биде град како што беше тогаш. Во една рака, работите беа како поклопени под голема бетонска плоча, имаше премногу контрола одозгора. Во друга рака, на улица, кај луѓето баботеше добра енергија. Постоеше повеќе доверба во сопствените сили.

 

Како се собра Бастион? Приказната иде дека токму ти си сврзното ткиво, идеологот на некој начин. Имаше ли некоја идеологија навистина, или можеби повеќе идеја, можеби потреба… Како се случија нештата од твој агол?

Се запознав со Кирил кога дојде да предложи да прави музика за филмот „Мусака“ кој го спремав во тоа време, а кој никогаш не се сними. Буквално ми заѕвони на врата еден ден додека работев на сторибордот. Ми се допадна музиката, видов исклучителен талент. Го променив концептот што го имав за музиката во тој филм за да се вклопи талентот на Кирил. Му реков дека треба да се размислува и за плоча и дека треба пејач. Ја знаев Ана Костовска како студент на глума на ФДУ, и за неа сметав дека е неверојатен талент, па логично беше да ги спојам. Свртев кај Ана од стариот црн фиксен кај мене дома и му ја тутнав слушалката на Кики. Он се пресрами, и некако се договорија.

Идеологијата беше да се прави квалитетна музика по секоја цена, да бидеме свесни за визуелните потреби, а текстовите да бидат еден вид манифест на тој навидум изгланцан, а всушност мрачен свет.

 

Дел од сторибордот на Милчо за спотот на „Hot Day in Mexico”

 

Бастион е базично електронски (електро-поп) бенд. Вистинска реткост во тоа време кај нас. Дали тебе ти беше тоа важно (можеби слушаше некоја таква музика во тоа време), или таков беше склопот на луѓето и околностите?

Верував во луѓето и во нивната способност. Јас слушав панк, ама и Азра и Крафтверк и Токинг Хедс. Да, и електроника. Јуритмикс ги сакав. Електрониката отвори бескрајни можности и ја прифатив со раширени раце, иако имаше конкретни електронски бендови од тоа време што не ми лежеа.

 

Многумина ќе кажат дека ништо не разбирале што си зборувал во тоа време. Секако текстовите на Бастион не се сосем разбирливи за многумина ни денес, а камоли во 1984. Текстовите се твои секако. До кој степен, по текстовите, беше твојата инволвираност со бендот?

Јас се обидував да помогнам со сѐ што беше потребно. Се чувствував како сервис на тројца исклучително талентирани луѓе. Текстовите (кои не се толку сложени ако ги слушаш со отворен ум), првиот спот (кој набргу беше забранет), консултации околу имиџот, пласман во медиумите, преговори со надворешни луѓе… Филмскиот продуцент Стевче Ацевски беше менаџер. Во музиката не се мешав, оти во тоа не можев да им се фатам за малото прсте. Единствено на студиската снимка на „Молитва“ ги притискав жиците на басот додека Кучкар свиреше по него со метални пенкала.

 

 

Како гледаше публиката на овој аутфит? Имавте и пар концерти тука. Како реагираа на оваа музика/појава скопјани во 1984?

Како да бевме од Марс.

 

Зошто се распадна Бастион?

Не знам. Јас во тоа време веќе заминав за Њујорк. Филмот „Мусака“ не се случи, и јас се вратив во Америка, се преселив да живеам во Њујорк. Немав никаков контакт со Македонија некои 5-6 години.

 

Свесни ли бевте во тоа време дека креирате нешто што ќе има далекусежни последици?

Секогаш работевме и работиме како да ни е тоа последно. Со други зборови, не правиме компромис и веруваме дека тоа некој ќе го слуша, гледа после 30 години. Дали тоа навистина ќе се случи не е ни важно.

 

Дали би подржал реоформување на Бастион, па макар само за 1 концерт?

Тоа е на Кики, Ана и Кучкар да одлучат. Јас 100% би ги поддржал во тоа што ќе решат.

 

Comments

comments