Jack White (преку White Stripes) е многу тесно поврзан со моите средношколски денови. Сите кои ги слушаа White Stripes во тоа време беа андерграунд фраери. После „Seven Nation Army“, морав да преслушам сè од White Stripes, а подоцна и од Jack. Што и да слушав низ годиниве, секогаш имаше еден период кога Jack White целосно ги исполнуваше моите музички афинитети. Дојде денот да седнам и да напишам нешто за господинов. Voilà.

Роден во Детроит, еден од најдобрите и инспиративни гитаристи на новата ера (70ти на листата од 100 најдобри гитаристи на сите времиња составена од магазинот „Rolling Stone“), основач на „The White Stripes“ (заедно со „сестра му” т.е. бивша жена Meg White), и со една фантастична кариера до сега.

jack-5

Од „The White Stripes“ преку „The Raconteurs“ до „Dead Weather“, во последно време и соло кариера која е исполнета со сè и сешто, но најмалку со досада и неинвентивност. Jack исто така има и сопствена продукциска куќа („Third Man Records“), која е пред сè неговото прибежиште каде го наоѓа својот мир и спокој.

Jack White го измени ликот на денешната музика и оваа промена луѓето ја сакаат. Уникатен и чуден, но многу кул. Во свет каде владее технологијата, Jack White гази со олд скул ствари – креира музика по свој ќеиф. Во еднo интервју Jack изјави:

„Мислам дека не сум дел од оваа генерација. Дефинитивно сум некој што не би требало да биде дел од ова време. Јас би бил соодветен за периодот од 1800тите или можеби 1930ти“.

Неговата мисија е реинкарнација на музиката од некое друго време како што е блузот, соулот, џезот, кантри, но сепак преку еден модерен звук. Пораката е јасна. Луѓе, немојте да го заборавите звукот на плочата, без додавање на ѕвончиња и технолошки модификатори на звук, или креирањето на супер вокали со помош на технологија. Не сакам да звучам старски (сакам хај тек технологија), но кога е во прашање песна, сакам природен не модификуван глас и звук.

 

jack-4

Jack White е гласот на Америка. Бескомпромисен, иновативен и генијален. Но сепак е една голема загатка. Белец кој доминира во светот на блузот (музиката создадена од црната раса). Визионер со поглед кон минатото.

Ајде малку да позборуваме за неговото музицирање. Неговиот пристап е минималистички, кога се збори за опремата која ја користи неговото мото е „што помалку, тоа подобро“. Но сепак, винтиџ фанатикот – Jack, не ја исклучува целосно модерната технологија (пр. вози Tesla Model S).

 

 

А кога се во прашање гитарските ефекти вели: „Мојата врска со гитарата е константна борба. Секоја песна, секое гитарско соло, секоја нота која ја свирам или запишувам мора да биде дел од таа мачна борба. Не смееш да дозволиш гитарата, песната или целосниот настап да те заведе, едноставно мора да воспоставиш контрола врз ситуацијата. Тоа е работата на секој музичар. Не покажувај слабост во ниеден момент. Не ме импресионираат брзи солажи или свирење блуз скалила со неверојатна брзина, туку ме фасцинираа моментот кога познатиот Son House ќе ја „утне“ нотата и продолжува безгрижно со својот настап. Така треба да изгледа еден настап во живо.“, вели во едно интервју Jack White.

Најдобар доказ дека Jack White не е толку многу против модерниот звук е фактот дека тој е огромен фан на Daft Punk како и неколкуте необјавени и недовршени траки кои беа во соработка со Jay-Z. Доста ме изненади фактот дека возможно било да се случи колаборација помеѓу Kanye West и Jack. Чекај, што? Да, да, и тоа за новиот албум на Kanye („Yeezus“), за што Jack изјави во една прилика: „Таа турнеја на Kanye беше можеби едно од најдобрите шоу што сум ги гледал во мојот живот“”. Кога сме кај турнеи и концерти, налетав на една многу интересна изјава на дотичниот околу „новата публика“ која доминира во оваа доба.

„Јас сакам публиката да ме води низ концертот и да ми каже што да правам. Не постои кај мене сет-листа. Едноставно, не постои за мене ист концерт два пати, каде ќе имам сценарио во кое пишува со кои зборови треба да ѝ се обратам на публиката. Ако не постои енергија помеѓу мене и публиката – можеби само си го губам времето“.

Јас знам дека не си го губев времето додека читав и истражував за Jack White, едноставно уживав (се надевам и вие ќе го имате истото чувство), но сепак тука не завршувам.

To be continued…

 

Comments

comments