Инспирирани да размислуваме од една читателка која неодамна ми пиша: „Воодушевена сум од Вашите текстови и мотивирана да ги прифатам новите, модерни стилови на пишување. Мојот предмет на интерес е анализа на текст од забавни и народни песни…“

Хм, како да понудиме едно поинакво „читање“ и толкување на народните песни, на еден посовремен начин?! Во овој случај си помогнавме со култната Леб и сол„Учи ме мајко карај ме” и си ја преслушавме можеби едно десетина пати. Песната оди во една дијалошка форма помеѓу мајката и синот за тоа што треба да направи за да ја земе за невеста:

 

Еееј, учи ме мајко карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босиљок
Лилјана една на мајка.

Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.

Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.

 

Моментот кулминира во последните стихови – кога се прашувате зошто Лилјана стварно излегла кучка и не дошла на шарената чешма?! И тогаш всушност сфаќате дека не само што е култна оваа македонска народна песна, туку дава осврт на едно многу важно прашање за кое деновиве се обраќа и Генералниот секретар на Обединети Нации во рамки на 16-те дена активизам против родовото насилство. Тоа е меѓународна кампања, која се одржува секоја година и трае од 25 ноември (Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз Жени) до 10 декември (ден на човековите права).

Оваа година Генералниот секретар на ОН и иницијативата за здружување за спречување на насилството врз жените праќа покана за „Обој го светот портокалово“ користејќи ја бојата за симболизирање на кампањата и посветла иднина без насилство.

Наше толкување: Долго време се толкуваше дека „инаетот“ е причина што не дошла на чешма, или пак „каприците на една самобендисана мома“. Не, она што ние сакаме да го понудиме како ново толкување на народната песна е всушност истрајноста и доследноста на својата „женска“ одлука. Во рамки на таков еден контекст и такво „читање“ и Калеш Анѓа е всушност лик кој не сака да се откаже од своите одлуки по никаква цена. Почитувањето на одлуките на една жена треба да се чита на ова ниво во еден модерен општествен контекст. Нашето народно творештво ги препознало овие елементи уште и пред да бидат донесени какви било резолуции за елиминација на насилство врз жени и ваквото „читање“ на народното творештво за новите генерации е превод на паролата: When NO is a NO – no matter what.

 

Comments

comments