Колку треба да биде храбар еден фотограф за да излезе на улица и да фотографира? Не, не треба да си Eddie Adams за да излезеш на улица, ама да бидеме искрени – не е толку едноставно да влечеш со себе огромен апарат, а да глумиш неприметлив.

За правилата на улицата и за предизвикот да се фотографира истата со сета своја сложеност и убавина, зборуваме со Драги Неделчевски. Драги е фотограф и ментор на Работилницата по СТРИТ- ФОТОГРАФИЈА која заедно ја организираат „Џолев и Уметностите“ и „Бреинстер“.

 

Како би го дефинирале поимот „улична фотографија“?

Има повеќе дефиниции за „улична фотографија“ (Street Photography). Една од нив е дека се работи за фотографии снимени на јавни места (улици, плоштади, тротоари, шопинг молови трговски центри, паркови, подземни железници итн.). Уличната фотографија најчесто е спонтана, во смисол дека не бараме дозвола за фотографирање, иако и тоа е „дозволено“. Најчеста тема се луѓето и животот на улицата, иако и тоа не е апсолутно правило. Важен е елементот на урбаност, присуството на луѓе, и „WTF” факторот при снимањето. Секако дека не е услов на уличната фотографија секогаш да се фотографираат луѓе. Таа, уличната фотографија треба да провоцира, збунува, информира, да „краде“ (од приватноста на другите), да провоцира и возбудува.

Најчесто таа (уличната фотографија), е тешко да се направи, тешко да се засака, тешко да се гледа, тешко да се разбере. Фотографот фотографира (најчесто) со еден фото-апарат, со еден објектив, со светлото што му е на располагање и е оставен сам со предизвикот – животот на улицата со сета своја сложеност и убавина.

 

grad-012

© Драги Неделчевски

 

Колку ваквиот тип фотографија е застапен во нашето подрачје?

Постојата повеќе подвидови на уличната фотографија. Спонтана (ненаместена) улична фотографија, улични портрети, урбани пејзажи, социолошко-документарна фотографија итн.

Кај нас се работи улична фотографија во поширок смисол на зборот (најчесто без свесна намера на фотографот, како дел од неговиот фотографски пристап). Чистата улична фотографија со јасна намера таа да се работи како што тоа е обичај во светот, сѐ уште е ретка појава кај нас. Ова е мое лично мислење и не мора да е сосема точно.

 

Какви законски дозволи и пречки може да има стрит фотографијата?

Во различни земји во светот, различно е регулирано ова прашање. Генерално, секаде каде што фотографирањето не е забрането, може да се фотографира. Особено ова важи за јавните простори. Проблем може да биде ако правите портрети (особено од близу), оној што го фотографирате може да ви забрани да го правите тоа. Пречки при фотографирањето може да има, и овде во Македонија, поради менталитетот на луѓето и неинформираноста, сѐ уште оваа фотографска дисциплина има призвук на авантура.

 

© Драги Неделчевски

© Драги Неделчевски

 

Бидејки сте фотограф, каква комуникација треба да има оној кој ги фотографира лицата во ваквиот тип на улична фотографија?

Кога фотографираме на улица, комуникацијата е многу важна. Фотографот треба да знае и да проценува што и кога може да фотографира, а да нема проблеми со тоа. Некогаш ќе фотографирате скришум, некогаш љубезно ќе прашате за дозвола, или пак само ќе се насмевнете, а во секој случај на некој начин би требало да покажете и мал знак на благодарност за пружената можност за фотографирање. Има разни ситуации и секој се решава на лице место на различен начин. Можно е да има и непријатни ситуации и тогаш потребно е да се извините и полека да се повлечете (ако е можно без последици). Иако сето ова звучи навистина „страшно“ и комплицирано, на улица сепак не е баш така. Сепак, морам да кажам, дека многу фотографи не се доволно храбри да излезат на улица и да прават фотографии.

 

© Драги Неделчевски

© Драги Неделчевски

 

За кого е наменета ваквата програма/работилница?

За сите оние коишто сакаат да го почувствуваат животот на улицата, да остават трага за едно време и за едни луѓе на определен простор. За сите оние кои не се кријат зад студиската опрема, вештачките светла… За сите оние коишто сакаат да комуницираат со луѓето и имаат авантуристички дух.
 

 

Што може да се научи и да се совлада од дводневните предавања?

И многу и малку. Кога велам многу, мислам на предавањеата за поимот на улична фотографија, техниките на фотографирање, искуствата на светските мајстори на уличната фотографија, заедничко фотографирање низ улиците на градот (добро е за почеток фотографот да не е сам), евалуација на снимените фотографии, со еден збор кажано, да се добие солидна основа што фотографот понатаму ќе ја практикува и развива самиот.

Кога велам малку, мислам дека е нереално дека може за два дена да се стане „голем“ уличен фотограф. Тоа бара многу храброст, пракса, познавање на техниките на снимање, комуникациските вештини и слично. Но, стекнувањето со знаење за основните поими, „разбивањето на мразот“ во смисол на охрабрување воопшто да се излезе на улица и да се фотографира (во придружба на некој кој веќе ги има овие искуства), е сосема голема придобивка од овие два дена предавања и фотографска пракса.

Пријавувањето е во тек. Работилницата по СТРИТ-ФОТОГРАФИЈА ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 јуни во просториите на „Џолев и уметностите“ и „Бреинстер“.

 

 

Драги Неделчевски

Драги Неделчевски е роден во 1958 година во Тетово, а по професија е правник. Со фотографија се занимава од 1978 година и тој, две години подоцна, практично е еден од основачите на Фотокино студиото при Домот на културата „Иљо Антески – Смок“. Основач е и претседател на Фотокино клубот „Тетово“, како и на фото-групата „Чкрап“ во родниот град. Активен член е на Фотосојузот на Македонија и соработува со Македонскиот центар за фотографија и редовен учесник е на групните и на заедничките изложби во земјава и во странство.

 

 

 

Comments

comments