Како што Македонија беше на опашката на некогашната федерација, така и стрипот беше на опашката на културата, или литературата, доколку го сметате за литературна категорија, или одреден хибрид, пренесен преку своевидна визуелна нарација.

Меѓу пошироката публика овде, тој никогаш не ја премина границата на детски интерес, нешто со кое би се надминала досадата, во одреден дел од денот или ноќта, или што би го одвело читателот, за миг, до некои нови пространства. Додека во Сараево, Белград или Загреб, тоа беше на ранг на уметност, со третман на нешто авангардно, вредно. Не е ни чудо, што и тогаш, најголемиот број стрип ревии, стрип изданија, посебни редакции за стрип и стрип автори доаѓаа од овие три средини, или кон нив се насочуваа.

Ние, во Македонија, не го искористивме моментот, за разлика од останатите, па ни во тие кризни деведесетти години на минатиот век, кога некаде беснееја војни, не се свртевме на издаваштво и сосема го заборавивме стрипот. Како и секогаш, на мускули, образот ќе го обелат неколку стрип ревии, создадени од ентузијасти, кои ќе понудат различни форми на стрипот, дела од домашни и странски автори.

Но тоа е премалку и со релативно краток рок на траење. И покрај сите трагедии, уништувања, блокади, стрипот, на голема врата, се враќа повторно во Загреб, каде што се појавуваат неколку издавачи кои ќе понудат поширока лепеза стилови, стрип школи, убаво опремени изданија. После неколку години тој тренд ќе го прифати и Белград, каде се јавуваат исто така неколку издавачи кои ќе се трудат да го одржат квалитетот и понудата наметнати од запад.

Пред извесен период, бев пријатно изненаден, кога видов дека и кај нас се појави издавач кој ќе се обиде да фати приклучок со регионалните стрип издавачи, и повеќе од сè, кој понуди квалитет. Името на едицијата е „Лифт“, во чест на една транзициска стрип ревија, каде се афирмираа претежно домашни автори, кои припаѓаа на т.н. алтернативен стрип. Издавачот е Темплум, кој повторно му се враќа на стрипот, по подолга пауза.

 

 

Стриповите со супер-херои никогаш не ме привлекувале. Единствено го прифатив Бетмен, мрачниот витез, зашто беше реален, не идеален. Се сеќавам, откако се појави првиот филм, во 1989 година, кој што го проследивме на кино, во една трафика ја видов стрип верзијата на филмот и ја купив. Бетмен се појавуваше и во Политикин Забавник и во неколку други стрип ревии.

Имајќи среќа да растам со толкав избор на стрип изданија, веројатно се исфилтрираа интересите, а со оглед дека на овие простори поголемо беше влијанието на европските школи на стрипот или и класиците на американскиот стрип, тој беше правецот кој го одбрав.

Откривајќи ги, малку подоцна, изданијата на Vertigo, алтернативната редакција на Детектив Комикс (DC), а дополнително на Fantagraphics Books, Dark Horse, Drawn & Quarterly, Pantheon Books, Top Shelf Productions, се запознав со еден сосема нов свет, нов израз. Стрипот како социјален медиум, како рефлексија на одредени човечки чувства, судбини, доби уште поголема тежина.

Сите тие приказни, начинот на кои беа раскажани, цртежот, кој не тежнее кон анатомско совршенство, кој не е идеален, туку е посебен, предизвикаа уште поголем интерес. Тој субјективен момент, растеретен од нормативи, го тера читателот да се соживува со ликовите. Многу од тие дела се препознаени во светот, дури и наградени.

Прва книга (или стрип албум, графичка новела, роман) од новата едиција, кој имав можност да го прочитам, е „Сини пилули“ од Фредерик Петерс. Како некој кој ја почитува естетиката и забележува детали, бев изненаден од квалитетот, тврд повез, убав отпечаток, колоритна корица. Конечно нешто толку убаво и на македонски јазик, домашно издание, на ниво на регионалните, а и светските.

Стрипот го опишува предизвикот на поврзаност во специфични услови, како може љубовта да биде посилна од сите препреки, колку е некој упорен да го зачува она што го сака, и покрај многуте потенцијални опасности. Приказна од животот, со обични протагонисти, кои живеат навидум нормален живот, нечии соседи, пријатели. Кои водат долги разговори во ноќта, со многу прашања, по некој одговор. Приказна со многу емоции, стравови, мечтаења, смеа и плачење. Илустриран дневник, на еден дел од животот.

“Во суштина, тоа е една убава, анонимна љубовна приказна… Во најдобар случај, луѓето ќе ја прочитаат во тишина… Во најлош, ќе ја заборават како првите мозолчиња…“, како што би рекол самиот автор.

Некои луѓе не се откажуваат, не ги слушаат „советите“ на јавноста, на околината. Одбираат да живеат онака како што мислат дека е најдобро. Пркосат на предизвиците, веруваат дека нештата ќе бидат добри, ќе останат нормални. За среќа се потребни двајца, „и торба полна со мали сини пилули“.  

Во стилот на големиот Ненад Стојановски, во серијата „Бушава азбука“, за крај – прочитајте ја оваа приказна, позајмете ја, купете ја, отворете ги страниците и влезете во тој свет. Запознајте ги ликовите и нивните емоции, видете го цртежот. Се надевам дека оваа едиција ќе биде достапна и во градските библиотеки, онаму каде што ги има низ Македонија. Стрипот да биде попристапен, раширен, што повеќе луѓе да се во можност да читаат. Да се запознаваат со овој жанр.

 

Comments

comments