Некако многу убаво се поклопија празнициве со името на бендот кој го интервјуиравме – Tavche Gravche. Единствената конкуренција на гравчето во последниве денови беа кифличките и руската салата.

Да се вратиме на бендот, се работи за new-acoustic world fusion jazz состав кој ни доаѓа од Њујорк, во кој како лидер се јавува Васко Дуковски. Роден на улиците на Њујорк, Tavche Gravche е спој на традиционална етно-македонска и медитеранска музика. На сето ова е додадена енергијата која проникнува од Балканот, преку динамични и импровизирани ритами и мелодии. Јас ги открив случајно на YouTube (т.е. брат ми Владимир ми ги посочи), ги контактирав, и продолжив да уживам во нивната музика.

Како би ја опишале вашата музика со три збора?

New-Acoustic World Fusion

Вашиот звук микс од етно, џез, фолк звуци и тонови од Блискиот исток, една нота на фламенко и ред други навидум неспојливи комбинации. Како успеавте сето ова да го склопите во еден единствен продукт, кој мора да признаам дека звучи феноменално? Која е тајната состојка?

Музиката е единствениот универзален јазик, а различните музички стилови се само дијалекти кои потекнуваат и произлегуваат под влијание на одредена околина. Не е лесно да се направи микс на работи кои по правилата на конвенциите не би требало да се мешаат/совпаднат. Но сепак истовремено тоа не претставува тешкотија, ако се земе во предвид фактот дека основните елементи на музиката се ритам и звук, па се додека тие опстојуваат, останатото е само обојување на ритамот со одредени звуци, фрагменти, орнаментинари мелодии или не, импровизации и слично. Тајната е пасија, желба, потреба, задоволство и макотрпна работа!

 

Која беше идејата со формирањето на Tavche Gravche? Како успеавте да се споите? Бидејќи се работи за мултинационален бенд, а притоа знаејќи дека овој звук е некако поблизок до нашата култура и музика?

Идеjата за формирањето на Tavche Gravche беше спонтана и многу случајна, а започна под наслов и концепт Турли Тава за подоцна да се претвори во Tavche Gravche. Њујорк е токму тоа, мешавина на култури и традиции од целиот свет кои заедно создаваат нешто ново. Македонија, а и целиот Балкан е неисцрпно богатство од традиционални бисери кои се заборавени, а некои никогаш не ни биле чуени на „Западот”. Нашата цел е да ги откриеме тие заборавени бисери и да им дадеме нов живот, да ги поврземе со сродните елементи од фламенкото и џезот, а да не го изгубиме уникатниот емотивен и духовен израз од „Истокот”. Истовремено, наша пракса е да создаваме оригинални композиции информирани и инспирирани од тоа старо музичко богатство.

 

 

Споделете збор повеќе за вашиот албум „Our Village”? Како помина на светскиот пазар? Што после „Our Village”?

„Our Village” е нашиот прв албум кој го снимивме релативно брзо после формирањето на бендот, а во духот на старите чалгиски тајфи. За нас овој албум претставува огледало во кое може да погледнеме што сме направиле и што би можеле да правиме понатаму, кој е потенцијалот на овој звук и слично. Албумот беше многу добро примен на светскиот пазар – доби значајни критики од „All about jazz” и ред други публикации во Европа и пошироко. Се планираат неколку нови проекти, а истовремено работиме на нов материјал за нашиот втор инструментален албум.

 

tavche-1

Едно лично прашање. По завршувањето на „Juilliard School” што се случува? Освен Tavche Gravche постојат и твои соло проекти (3 албуми, колку што сум инфомиран, последниот издаден во 2012). Што се случува со твојата соло кариера?

По моето завршување на „Juilliard School” останав тука во Њујорк да се дообразувам, доусовршам, да се стекнам со професионално и животно искуство, надвор од комфорот кој едукативните институции го нудат, а нормално и да си ја пробам својата среќа на светската сцена. Tavche Gravche е само еден релативно мал проект од она што моментално го работам, но и многу драг затоа што станува збор за сентиментална поврзаност со мојот ран живот, детството, македонската култура и традиција. Во меѓувреме, неуморно концертирам, компонирам и сум инволвиран во неколку други проекти во современата класична и експериментална сцена. Тука можам да го споменам и мојот соло проект под наслов „Space and Time, Sound in Space” кој наскоро ќе го издадам во албум формат.

 

 

Дали сте размислувале за вокал во песните на Tavche Gravche?

Да, сме размислувале и соработувале со неколку вокали тука во Њујорк влучувајќи ја и Џесика Кејт Маерс (Jessica Kate Mayers, the movie pianist). Во план се и други соработки со неа, како и со многу други вокали.

 

tavche-3

Каде сè досега има настапувано Tavche Gravche? Кога планирате концерт во Македонија? Дали имаш/имате воопшто настапувано во Македонија?

За време на своето релативно кратко постоење, Тavche Gravche има настапено на „Golden Fest NYC”, „City Winery NYC”, „Drom NYC”, „The JCC (Jewish cultural center) in Manhattan”, „Friends of Stamford Presents”, „Alfred University”, „Sephardic Festival”, „Silvana NYC”, „Why Not Jazz”, „The Rock Shop” и ред други локации тука во Њујорк. Концертот во Македонија е замислен, фантазиран, испланиран, со гости и сите други салтанати, но за да се реализира, потребни се средства кои за жал моментално на нас не ни се достапни или никој не ни ги понудил. Слушам избори ќе има… па којзнае, сè е можно 🙂

 

 

Кој беше вашиот најтежок момент како бенд и како го надминавте?

„Најтешкиот момент” е константен проблем во било која уметничка формација и постојано се појавува во различна форма. Во нашиот случај е прашањето дали она што го правиме е релевантно или не, и како би можело да се менува, да биде свежо, да се подобрува. За сега сè уште се бориме со тоа, и се надевам тоа така ќе остане и менува со времето.

 

Comments

comments