Појавувањето на Ване Костуранов пред македонската публика circa 2009 имаше сличен ефект врз присутните како тој на новогодишната еуфорија (со малата разлика дека оваа новогодишната не признаваш дека те погодила).

Иронично, во моментите на студ секогаш ти треба нешто што ќе те освежи. А кој го прави тоа подобро од овој самоук сликар, кој со својата детска наивност секогаш ти помага да го преживееш денот и те потсеќа дека на крајот од маглата сепак стои некоја разиграна куќа?

На Дона, од тимот на Reborn кој стои позади текстов и тимски пишува збор по збор, омилена ѝ е серијата „Between“ oд 2007, додека остнатите се заљубени во куќите од „Улица Љубов“ од 2015. Подолу со Ване разменивме неколку брзи, пинг-понг прашања за неговата позадина и минато, неговите планови за иднина и местата каде бара инспирација.

50.flock_of_houses_2

Опишете со три збора. Кој е Ване?

Сликар, родител, човек.

Од каде црпите инспирација?

Секој обид да се објасни од каде доаѓа инспирацијата е обид за рационализирање. Инспирацијата доаѓа несвесно, најчесто од секојдневието, од она што нѝ се случува, што нè опкружува, што ме допира. Мојата уметност е рефлексија на мојот живот, а јас отсекогаш подобро сум се изразувал преку слики отколку преку зборови.

colorful_winter

Каков е фидбекот кој го добивате за вашите дела?

Изненаден сум од тоа што сликите силно допираат до многу луѓе. Многу ми е мило што тој дијалог и тоа препознавање, или поврзаност помеѓу делото и луѓето се случува спонтано, без моја инволвираност. Радост ми е кога гледам со колку љубов луѓето си ги носат сликите дома.

Може ли уметникот да живее од уметност?

Се разбира, а преку уметноста и ќе ги надживее другите. Богати се тие што создаваат, што творат. Ако гледаме на уметноста како професија, тогаш не е меѓу најисплатливите професии. И тоа не е случај само кај нас. Малкумина се оние кои преку уметноста и материјално се збогатуваат, особено во мала и сиромашна земја како што е нашата. Но уметноста не е нешто со кое можете на тој начин да калкулирате. Јас не ја избрав уметноста, таа ме избра мене, среќен сум поради тоа и не ми е тешко да работам и нешто друго за финансиска егзистенција. Не мислам дека како уметник треба да бидам привилегиран во финансиска смисла, јас веќе се чувствувам привилегиран со тоа што творам.

winter_love_

Има ли простор за повеќе сликари и отворање на повеќе галерии? Се продаваат ли уметнички дела?

Мислам дека секое успешно дело порано или подоцна ќе си го најде својот пат, и ќе си го најде својот простор. Живееме во време во кое преку интернетот, просторот е неограничен и делата можат да допрат до навистина голем број луѓе. Во однос на продажбата, не би можел да зборувам генерално бидејќи немам таква информација, но ако зборувам од лично искуство тогаш можам да заклучам дека интересот за слики е голем.

Соработувавте со Ирина Тошева на нејзината последна колекција. Дали пак би правеле нешто слично и со кого?

Да, соработував со Ирина за нејзината последна колекција насловена „Дома“, со која се надевам ќе придонесеме барем малце да нѝ зашаренеат градовите. Сега за сега немам во план други соработки, но секако не ја исклучувам таа можност во иднина.

57.love_on_the_lake

На што работите во моментов?

Последната серија слики насловена „Улица Љубов“ е сè уште во градба и никнуваат нови куќи. До кога, ќе видиме. Погледнете дел од серијата подолу, а за сите останати слики посетета ја веб страната на Ване.

Имате ли во план изложба во Скопје во брзо време?

Во брзо време не планирам. Последната изложба беше пред неколку месеци. Потребен е поголем временски простор за да се создадат нови дела, а со тоа да се создадат и услови за нова изложба.

 

Галерија

Мал примерок од серијата „Улици Љубов

Comments

comments