Кога зборам за движење, за културно движење, за музичка револуција и еволуција, за социјално-класни поделби и за уште еден тон други појави и настани, секогаш некаде во некоја фиока од мојот ум слушам гласови кои ми ги повторуваат зборовите „хип-хоп”, „рап”, „маало”, „банди”…

Да, ментално сум сосема во ред, туку очигледно е дека првата асоцијација на гореспоменатите зборови е хип-хоп културата, и тоа не е случај само кај мене. А обратната психичка појава ја доживеав кога разговарав со момците од Зад Аголот, македонскиот хип-хоп колектив кој пали и гаси на македонската музика сцена веќе 5 години и нема намера тука да застане. Ова дефинитивно е доказ дека овие две појави се реални, вистински и причинско-последично поврзани.

Напорната работа и труд, Зад Аголот ја крунисаа со нивниот нов албум насловен како „Зад Шпиунката” кој ќе ја има својата промоција оваа сабота во Баду. За тоа кои се, што се, и зашто се, прочитајте го интервјуто во продолжение.

 

Zad Agolot 1

 

Како дојдовте до името? Од позади кој агол од Скопје доаѓате?

Името Зад Аголот, всушност е самиот агол на Манчу Матак, во Хром. Претходно беше само продукција, а со тек на годините и случувањата дојде до тоа да биде екипа, која ќе работи како еден артист, како еден ум. А физички, присутни сме насекаде, од Хром па се до Маџари.

 

Што друго е ваша инспирација освен социјално-општествениот момент?

Социјалниот-општествен момент, не е веќе момент кој ќе реши да ти влезе во дворот или дома. Албумот всушност во голем дел е инспириран од наши лични случувања, вистинити скопски приказни за луѓе и карактери, од македонската кинематографија, европски психоделии и музика од филмови, долгомесечно копање по џез семплови, од книги, од „крекот”, од случувањата на модерното Скопје, од сонцето, ноќта и ботаниката.

 

Пополнети ги празните линии: Ако сакате ___________, ___________ и ___________, тогаш можеби ќе нè сакате нас.

Ако ја сакате мистиката на универзумот, природата и сонцето и скопскиот прљав бум бап, тогаш можеби ќе нè сакате нас.

 

Zad Agolot - Zad Shpiunkata [2016] Front

 

Која е пораката и целта која сакате да ја пренесете преку новиот албум „Зад Шпиунката”? Што се крие зад шпиунката?

Зад шпиунката се крие 21 приказна кои ја прават големата слика. Мислам дека за овој албум се спремавме цел живот. Динамичен грув, со прљави драм брејкови, семплани со џез, стара филмска музика, фанк и соул. Кога на тоа ќе го додадеш нашиот личен раст како луѓе и артисти и помошта од имињата како Дј Гоце и Баже, го добиваш Зад Шпиунката.

Всушност, нас ни требаше вентил да ги истовариме идеите на едно место и се надеваме дека еден ден ова ќе направи некого подобар човек.

 

Хипотетички размислувано дали сметате дека светот би можел да ја препознае македонската култура преку вашата музика?

Доколку светот некогаш се реши да се заврти и да погледне во една земја и реши баш кај нас да биде тоа, можеби, зошто да не.

 

Zad Agolot 2

 

Ако се степаат Rihanna и Nicki Minaj, кој би победил?

Најверојатно не би ја проследиле таа битка, со притаена надеж дека и двете заслужуваат еднаква шанса да бидат хоспитализирани. Единство пред сè.

 

West Coast или East Coast? 2Pac или Biggie?

No Coast, и Тупак и Биги, и уште многу други. Со зборовите на големиот Макиавели – „Не ги делам луѓето на кој кого верува, крст, едно друго, џамија, не разликувам нација, не разликувам народ, јас мислам дека сите сме луѓе заедно”.

 

Кој хип-хоп албум би го препорачале на луѓе што не слушаат хип-хоп?

Па има доста, ако се навистина ентузијасти, наши предлози се: Nas – Illmatic, A Tribe Called Quest – Midnight Mradars и Low End Theory, сите албуми на Gang Starr, The Infamous од Mobb Deep, Sun Rises in The East на Jeru The Damaja, The Score на Fugees, Enter The 36 Chambers на Wu-Tang, Train Of Thoughts; Reflection Eternal, Сафизам, Не Заборавај, The Most Wanted, Неопходно Зло…

 

///

 

П.С.Екипата од Зад Аголот не почастија и со видео запис за песната „Спас им нема”, целосно изработен од Бранко Блажевски:

 

 

Comments

comments